Back

Legal documents

General Terms of Use

This document is published in Macedonian, which is the binding version.

Related document: Data Processing Addendum (DPA)

1. Давател на услугата и предмет

AIOffice („Услугата“) е услуга за интелигентна обработка на електронски документи со примена на автоматизирани технологии и вештачка интелигенција. Давател на услугата е Трговско друштво за канцелариско административни дејности ИНБОХ ДООЕЛ Скопје („Давателот“) со адреса на ул.32 број 15 Илинден и ЕМБС 6661955. Контакт mail: contact@aioffice.mk.

Овие Услови ги уредуваат правилата за користење на Услугата, постапувањето со доставени документи и податоци, безбедноста, доверливоста и меѓусебните права и обврски.

2. Функционалности и резултати од обработката

Зависно од активираните можности, AIOffice може да овозможи препознавање текст (OCR), класификација и раздвојување документи, извлекување и структурирање податоци, проверка на податоци и автоматизација на обработката.

Излезните резултати добиени со алгоритми или модели на вештачка интелигенција може да бидат неточни, нецелосни или несоодветни за одредена намена. Корисникот е должен да ги провери и потврди резултатите пред нивна деловна, правна или друга значајна употреба. AIOffice не заменува стручен преглед или законски пропишано одлучување од овластено лице.

3. Прифаќање и овластени корисници

Со користење на Услугата корисникот ги прифаќа овие Услови. Клиент е правно лице што користи AIOffice, а овластен корисник е лице на кое Клиентот му одобрил пристап.

Регистрација и официјална електронска адреса на Клиентот

Регистрацијата на Клиентот за користење на услугата AIOffice се врши преку официјалната електронска адреса на Клиентот, наведена во актуелната Тековна состојба издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија (ЦРРСМ).

По завршувањето на регистрацијата, Клиентот има право да ја промени првично регистрираната електронска адреса преку предвидената постапка за промена на контактните податоци во AIOffice. Новата електронска адреса, по успешната потврда на промената, се смета за официјална електронска адреса на Клиентот за целите на користењето на Услугата и за целокупната официјална комуникација помеѓу Клиентот и Давателот.

Така регистрираната електронска адреса останува важечка во текот на целиот договорен однос, односно сè до моментот кога Клиентот ќе изврши нова промена согласно предвидената постапка.

Сите известувања, службени комуникации, електронски документи и други информации поврзани со користењето на Услугата, испратени од Давателот на последната потврдена официјална електронска адреса, се сметаат за испратени на официјалната адреса за комуникација на Клиентот.

Определување на овластени лица и управување со пристапните права

Клиентот самостојно ја определува листата на одговорни и овластени лица кои имаат право на пристап и користење на услугата AIOffice, како и видот, обемот и нивото на нивните овластувања, пристапни права и привилегии во рамките на Услугата.

Клиентот самостојно ги воспоставува и применува начините, постапките и моделите за контрола и надзор над активностите на своите овластени лица, вклучително и доделувањето, измената, ограничувањето и одземањето на нивните пристапни права и привилегии.

Клиентот е должен да обезбеди соодветно и безбедно управување со корисничките сметки, лозинките, средствата за автентикација и доделените привилегии, како и да преземе организациски и технички мерки за спречување на нивна злоупотреба, неовластено користење или откривање на трети лица.

Вкупната одговорност за определувањето на овластените лица, доделувањето и контролата на нивните привилегии, како и за безбедносното управување со корисничките сметки, лозинките и другите средства за пристап, е исклучива одговорност на Клиентот.

Клиентот ја сноси одговорноста за сите дејствија преземени од неговите овластени лица во рамките на доделените привилегии, како и за штетите што можат да настанат како последица на несовесно, неправилно или небезбедно управување со пристапните права, лозинките и средствата за автентикација, вклучително и нивна злоупотреба од неовластени лица, доколку таквата злоупотреба произлегува од пропуст на Клиентот или неговите овластени лица.

Давателот не сноси одговорност за штети кои произлегуваат од постапувањето или пропустите на Клиентот и неговите овластени лица во управувањето со корисничките овластувања и пристапните средства, освен доколку штетата е предизвикана од дејствие или пропуст на Давателот за кој тој одговара согласно применливите законски прописи.

Клиентот е должен без непотребно одлагање да го извести Давателот за секое сознание или сомневање за неовластен пристап, компромитирање на лозинка, злоупотреба на привилегии или друг безбедносен инцидент поврзан со неговите кориснички сметки.

Администратор на сметка и контактни податоци

Кога Клиентот е правно лице, тој определува овластен администратор на корисничката сметка кој ги доделува и одзема пристапните права. Дејствијата извршени преку овластените кориснички сметки се евидентираат според применливите правила, а Клиентот е должен навремено да ги ажурира контактната е-пошта и овластувањата, особено при престанок на работен ангажман на корисник.

Безбедна најава

Клиентот и неговите овластени корисници се должни да користат единствени пристапни податоци, да не ги споделуваат лозинките и да ја користат повеќефакторската автентикација кога е овозможена.

Во случај на сомневање за компромитирана корисничка сметка, Давателот има право привремено да го ограничи пристапот до Услугата заради спречување на понатамошна злоупотреба и заштита на системот и податоците, како и да побара проверка на идентитетот или промена на пристапните податоци.

4. Права врз документи и обврски на Клиентот

Сопственост и право на располагање со документите

Документите, документарниот материјал и податоците што Клиентот ги доставува преку AIOffice остануваат во сопственост, односно под законска контрола на Клиентот или на соодветниот носител на права. Нивното доставување за обработка не претставува пренесување на правото на сопственост, авторските права или други права врз содржината на Давателот на услугата.

Со прифаќањето на овие Општи услови, Клиентот недвосмислено изјавува, потврдува и гарантира дека сите документи, податоци и други материјали што ги доставува преку AIOffice се негова сопственост или дека располага со соодветна законска основа, право и овластување за нивно поседување, користење, обработка и располагање.

Клиентот дополнително потврдува дека има право да ги достави наведените материјали на Давателот за нивна автоматизирана обработка, вклучително и за обработка со примена на технологии и модели на вештачка интелигенција, како и за нивно привремено чување и ставање на располагање преку Е-архивата, во согласност со овие Општи услови.

Клиентот гарантира дека доставувањето и обработката на документите, вклучително и кога тие содржат лични податоци, деловни тајни, доверливи информации или содржини заштитени со права на интелектуална сопственост, се вршат врз соодветна законска основа и не ги повредуваат правата на трети лица.

Одговорност за содржината и законитоста на документите

Клиентот ја сноси целосната одговорност за потеклото, содржината, автентичноста, точноста и законитоста на документите и податоците што ги доставува за обработка, како и за постоењето на потребните права, согласности и овластувања за нивна употреба.

Давателот на услугата AIOffice не е овластен ниту обврзан да ја испитува, оценува или утврдува суштинската содржина, правната основаност, автентичноста или законитоста на документите доставени од Клиентот. Давателот ја обработува доставената содржина исклучиво заради извршување на функционалностите на Услугата, во согласност со овие Општи услови и применливите законски прописи.

Автоматизираното препознавање, класификација, анализа, извлекување податоци и другите операции што ги извршува AIOffice не претставуваат правна, содржинска или фактичка проверка на доставените документи од страна на Давателот, ниту потврда за нивната законитост или автентичност.

Давателот не сноси одговорност за незаконитоста на содржината, потеклото, користењето или доставувањето на документите од страна на Клиентот, ниту за евентуални повреди на правата на трети лица што произлегуваат од таквите дејствија.

Давателот не може да се смета за одговорен за незаконито складирање, чување или обработка на документи кога незаконитоста произлегува од непостоење соодветна правна основа, право или овластување на страната на Клиентот, а Давателот постапувал во рамките на законските обврски и дозволените упатства.

Ова ограничување на одговорноста не се однесува на случаи кога штетата или повредата на законските прописи е последица на дејствие или пропуст на самиот Давател, вклучително и неовластена обработка, повреда на доверливоста или неприменување на задолжителните мерки за заштита на личните податоци.

Постапување по барања од надлежни органи

Доколку Давателот добие законски засновано барање, решение или налог од надлежен државен или судски орган во врска со одредени документи или податоци, има право и обврска да постапи согласно применливите законски прописи.

Кога тоа е законски дозволено, Давателот ќе го извести Клиентот за таквото барање и за преземените дејствија.

5. Локација на AI обработката и чувањето на електронските документи

Услугата AIOffice опфаќа две одделни постапки: обработка на електронски документи со примена на вештачка интелигенција (AI обработка) и чување на електронските документи во Е-архива. Овие постапки се извршуваат на одделни технолошки инфраструктури, лоцирани на различни географски подрачја, во согласност со нивната намена и применливите правила за безбедност и заштита на податоците.

5.1. Обработка на документи со вештачка интелигенција

Обработката на документите со примена на технологии и модели на вештачка интелигенција се извршува преку софтверски апликации поставени на сервери физички лоцирани на територијата на Европската Унија.

За потребите на AI обработката, документите се пренесуваат до соодветната инфраструктура во Европската Унија, исклучиво за извршување на функционалностите побарани од Клиентот, како што се препознавање текст (OCR), класификација, извлекување и структурирање податоци и други автоматизирани операции.

Во текот на AI обработката може да се создаваат привремени работни копии, меѓурезултати и други технички податоци неопходни за извршување на обработката. Овие податоци се користат исклучиво за целите на обработката и се отстрануваат согласно воспоставените технички и безбедносни процедури.

5.2. Чување на електронските документи во Е-архива

Чувањето на електронските документи доставени од Клиентот преку AIOffice се врши во посебна Е-архива, поставена на серверска инфраструктура физички лоцирана на територијата на Република Северна Македонија.

Документите во Е-архивата се чуваат во нивната оригинална, непроменета форма, идентична со формата во која биле прикачени од Клиентот, без автоматска измена, дополнување или замена на нивната содржина како последица на AI обработката.

Е-архивата претставува одделна функционална и технолошка целина од инфраструктурата што се користи за обработка со вештачка интелигенција.

Обработката на документите на AI серверите во Европската Унија не претставува пренесување на местото на чување на оригиналните документи, ниту промена на нивната оригинална содржина во Е-архивата.

Чувањето и достапноста на документите во Е-архивата се вршат согласно правилата за користење на Услугата, вклучително и роковите и постапките за преземање и трајно бришење на документите по завршување на користењето, утврдени во точка 11 од овие Општи услови.

5.3. Разграничување на постапките и одговорностите

AI обработката и чувањето во Е-архивата претставуваат две одделни постапки со различна намена: AI обработката има за цел автоматизирано препознавање, анализа и извлекување информации од документите, додека Е-архивата има за цел безбедно чување и овозможување пристап до оригиналните, непроменети електронски документи.

Резултатите добиени од AI обработката се одделни од оригиналните документи и не ја менуваат нивната содржина во Е-архивата.

Давателот применува соодветни технички и организациски мерки за заштита на документите и податоците во двете постапки, вклучително и заштита при нивниот пренос, обработка, пристап и чување.

Преносот на документите до AI инфраструктурата во Европската Унија се врши исклучиво за потребите на обработката, додека нивното чување во оригинална форма се врши на серверите во Република Северна Македонија.

6. Пристап до содржината и користење на AI модели

Ограничувања при употреба на AI резултати

AI резултатите не се потврда дека оригиналниот документ е автентичен, правно валиден или фактички точен. Корисникот не смее без соодветна човечка проверка да ги користи како единствена основа за одлуки што произведуваат значајни правни или слични последици за правни или физички лица. Доколку функционалност овозможува автоматско донесување одлуки, нејзината намена и контролни механизми мора посебно да се дефинираат.

7. Доверливост и информациска безбедност

Давателот ги третира документите и информациите како доверливи и применува соодветни технички и организациски мерки за заштита од неовластен пристап, губење, откривање, промена или уништување. Мерките може да вклучуваат контроли на пристап, разграничување на овластувања, заштита на мрежниот пренос, следење на безбедносни настани и управување со инциденти.

Размената на податоци преку јавни мрежи се заштитува со современи криптографски протоколи. Ниту една техничка мерка не обезбедува апсолутна безбедност; затоа страните соработуваат при откривање и ограничување на безбедносните ризици.

Известување за безбедносен инцидент

Кога безбедносен инцидент претставува нарушување на безбедноста на личните податоци или може да влијае врз доверливоста, интегритетот или достапноста на податоците на Клиентот, Давателот го известува Клиентот без непотребно одложување, а најдоцна во рок од 36 часа од дознавањето за инцидентот, во согласност со важечкиот Анекс за обработка на лични податоци (DPA) и применливите законски прописи.

8. Заштита на личните податоци

Во зависност од конкретните околности, Клиентот може да има улога на контролор на личните податоци содржани во документите, а Давателот улога на обработувач. За таквата обработка страните треба да склучат соодветен договор или анекс со потребните упатства, категории податоци, цели, мерки на заштита и правила за под-обработувачи.

Податоците поврзани со пристапот, корисничките налози, поддршката и безбедноста може да се обработуваат за обезбедување и заштита на Услугата, во обем и рокови усогласени со применливото законодавство. Информациите за правата на субјектите и контактот за приватност ќе бидат објавени во соодветното известување за приватност.

Права на субјектите и договор за обработка

За обработка на лични податоци во име на Клиентот, односите контролор–обработувач, категориите податоци, упатствата, под-обработувачите, мерките за безбедност, бришењето и постапувањето со барањата на субјектите треба да бидат уредени со посебен договор или додаток за обработка на лични податоци. Известувањето за приватност за кориснички сметки и технички записи треба да биде јавно достапно.

9. Начин на плаќање – месечен припејд модел со банкарска картичка

Користењето на платените функционалности на AIOffice се врши по месечен припејд модел, со однапред извршено плаќање на почетокот на секој месечен период на користење на Услугата.

Начин и средства за плаќање

Плаќањето за користење на AIOffice се врши исклучиво со банкарска платежна картичка, преку електронскиот платежен систем CaSys, овозможен преку НЛБ Банка АД Скопје. Давателот не прифаќа готовински уплати или директни банкарски трансфери за оваа Услуга.

Платежните трансакции се обработуваат преку соодветниот платежен систем, во согласност со применливите платежни и безбедносни прописи. Давателот на AIOffice не ги прибира и не ги чува целосните податоци од платежните картички на Клиентите.

Месечен период на плаќање

Клиентот ја плаќа Услугата однапред, на почетокот на соодветниот месечен период. По успешно потврдената уплата, Клиентот добива пристап до платените функционалности во рамките на избраниот пакет, тарифен модел и капацитетот утврден со важечкиот ценовник.

Цената, опфатот на услугите и евентуалните ограничувања за користење му се прикажуваат на Клиентот пред потврдувањето на уплатата. Ако плаќањето за следниот месечен период не е извршено, Давателот може да го ограничи започнувањето нови платени обработки во согласност со точка 10 од овие Услови.

Неповратност на уплатените средства

Средствата уплатени за избраниот месечен период се сметаат за однапред платен надоместок и не се враќаат, целосно или делумно, ако Клиентот по сопствена одлука престане да ја користи Услугата, ја користи делумно или не го искористи платениот капацитет.

Исклучок се погрешна или двојна наплата, неовластена платежна трансакција и други случаи во кои повратот е задолжителен според применливите законски прописи. Прашањето дали неискористениот капацитет се пренесува во наредниот месечен период се уредува со конкретниот пакет и јавно објавените тарифни правила.

Потврда за плаќање и приговори

По успешно извршеното плаќање, Клиентот добива електронска потврда или соодветна евиденција за уплатениот износ преку AIOffice. За спорна, погрешна, двојна или неуспешна трансакција Клиентот може да поднесе приговор преку официјалните канали на Давателот. Кога е потребно, Давателот соработува со НЛБ Банка АД Скопје и CaSys за разрешување на трансакцијата, согласно применливите прописи.

Пристап до трансакции, фактури и финансиска документација

Давателот му овозможува на Клиентот електронски преглед на извршените платежни трансакции, уплати, фактури и друга достапна финансиска документација преку модулот за наплата и фактурирање (Billing модул) во AIOffice, во рамките на доделените кориснички овластувања.

Клиентот е должен самостојно и навремено да ги преземе, зачува и обработи фактурите, потврдите за плаќање, прегледите на трансакции и другата финансиска документација во согласност со сопствените сметководствени, финансиски и административни процедури и со применливите законски прописи.

При привремен прекин на плаќањето, вклучително и кога нема уплата за нов месечен период, Клиентот го задржува пристапот до Billing модулот за преглед и преземање на претходно издадената финансиска документација, сè додека не настапи конечен престанок на користењето на Услугата.

Со конечниот престанок на користењето на AIOffice, се укинува и пристапот на Клиентот и неговите овластени корисници до Billing модулот и неговите прегледи. Клиентот е должен претходно да ја преземе потребната финансиска документација. Давателот не одговара за последици од непреземање што произлегуваат од пропуст на Клиентот, доколку му бил овозможен соодветен пристап и доколку Давателот не е одговорен за настанатата пречка.

Укинувањето на пристапот до Billing модулот не ги укинува законските обврски на Давателот за издавање, евидентирање и чување финансиска документација, ниту задолжителните законски права на Клиентот да побара или добие документ.

10. Услови во случај на прекин на плаќањето

Ако Клиентот не изврши уплата за следниот месечен период или ако платениот капацитет не е доволен за побараната обработка, AIOffice може да го запре започнувањето нови платени обработки. Ова само по себе не значи конечен престанок на користењето или бришење на корисничката сметка. Пристапот до Billing модулот за преглед и преземање на претходно издадените фактури и трансакциски записи останува овозможен до конечниот престанок на Услугата.

Ако уплатата со банкарска картичка е одбиена, откажана или неуспешна, износот не се смета за расположлив припејд кредит сè додека платежната трансакција не биде успешно потврдена. Давателот може да побара повторување на плаќањето или користење друга прифатена картичка.

Ако платениот капацитет се исцрпи во текот на веќе започната обработка, начинот на нејзиното завршување или прекинување се определува според однапред објавените правила на избраниот пакет и ценовникот.

Користењето на платените функционалности може да продолжи по успешна уплата за нов месечен период и потврдување на соодветното право на користење. Привремениот прекин на плаќањето сам по себе не означува конечен престанок на Услугата; правилата за завршување и преземање документи се утврдени во точка 11.

Непотрошениот капацитет или неискористениот дел од платениот месечен надоместок не се враќаат поради некористење или привремен прекин на уплатите, освен во случаи кога повратот е задолжителен според закон. Евентуалниот пренос на неискористен капацитет во нареден период се утврдува со условите на избраниот пакет. Привремениот прекин не го укинува пристапот до Billing модулот за претходно издадени документи.

11. Завршување на користењето: електронски деловодник и преземање од Е-архива

Електронскиот деловодник ќе биде испратен во PDF формат на активната е-пошта поврзана со корисничката сметка на Клиентот, еден календарски ден по завршувањето на користењето на услугата AIOffice.

Со дополнителна е-пошта на истата активна адреса Клиентот ќе добие линк за пристап до Е-архивата, преку кој е должен да ги преземе своите документи во рок не подолг од седум (7) календарски дена од испраќањето на е-поштата со линкот.

Трајно бришење на документи и одговорност за нивното преземање

По истекот на рокот од седум (7) календарски дена од испраќањето на електронската порака со линк за пристап до Е-архивата, а најдоцна во рок од 30 (триесет) календарски дена, Давателот пристапува кон трајно и неповратно бришење на сите документи, податоци и нивни работни копии од Е-архивата и серверите, освен доколку со закон не е утврдена обврска за нивно подолго чување, согласно правилата утврдени во Анексот за обработка на лични податоци (DPA).

Клиентот е должен во наведениот рок од седум (7) календарски дена самостојно да ги преземе, провери и зачува своите електронски документи во сопствен информациски систем или на друг соодветен медиум за чување, при што ја презема целосната одговорност за нивното понатамошно управување, користење, заштита и чување.

Давателот на услугата не сноси одговорност за непреземање, ненавремено преземање или нецелосно преземање на електронските документи, ниту за евентуална загуба на податоци или штета што може да произлезе од таквиот пропуст, доколку истиот е последица на дејствие, пропуст, небрежност или друга околност на страната на Клиентот.

Ова особено се однесува на случаи кога Клиентот:

  • Не го извршил преземањето во предвидениот рок од седум (7) календарски дена;
  • Не ја проверувал или ажурирал својата официјална електронска адреса;
  • Не ја прочитал или навремено не постапил по доставената електронска порака;
  • Имал неисправна или недостапна сопствена информатичка опрема, интернет-конекција или софтвер;
  • Не обезбедил доволен простор или соодветни технички услови за преземање и зачувување на документите;
  • Не презел соодветни дејствија по добиеното известување за истекување на рокот за преземање.

Исклучок од ограничувањето на одговорноста

Наведеното ограничување на одговорноста не се применува доколку Клиентот бил објективно спречен да ги преземе документите поради техничка неисправност, недостапност на Е-архивата, неисправен линк за преземање, пропуст при испраќањето на известувањето или друга околност за која е одговорен Давателот на услугата.

Во таков случај, доколку техничката пречка е утврдена и се однесува на периодот пред истекот на рокот за преземање, Давателот ќе преземе соодветни мерки за нејзино отстранување и ќе обезбеди дополнителен рок за преземање на документите, кој нема да биде пократок од времетраењето на утврдената техничка недостапност.

Доколку техничката пречка го оневозможила преземањето и Давателот не може да утврди кога започнала или колку траела, на Клиентот ќе му биде овозможен нов рок од седум (7) календарски дена, сметано од денот на повторното воспоставување на можноста за преземање и доставувањето соодветно известување.

Во наведените случаи, трајното бришење на документите се одложува до истекот на дополнителниот рок, под услов Давателот да располага со техничка можност да го спречи нивното автоматско бришење.

Конечност на бришењето

По истекот на применливиот рок за преземање, вклучително и евентуално одобрениот дополнителен рок, Давателот има право да пристапи кон трајно бришење на документите од Е-архивата, без обврска за дополнително индивидуално известување на Клиентот.

Клиентот потврдува дека е запознаен со роковите и последиците од нивното непочитување и дека по извршеното трајно бришење Давателот нема обврска за повторно обезбедување на избришаните документи, освен во случаи кога поинаку произлегува од задолжителните законски прописи или од одговорноста на самиот Давател.

Клиентот е должен да обезбеди точна и активна е-пошта, да ги следи известувањата и да го заврши преземањето навреме. Доколку постојат законски обврски за задржување на одделни технички или трансакциски записи, тие се уредуваат одделно и не претставуваат продолжено чување на документите во Е-архивата.

Безбедност на линкот за Е-архива

Линкот за преземање од Е-архивата треба да биде заштитен од неовластен пристап, со соодветна идентификација, временско ограничување и, каде што е применливо, можност за негово поништување. Корисникот не смее да го споделува линкот со неовластени лица и треба веднаш да пријави сомнеж за негово компромитирање.

Неиспорачана е-пошта и доказ за преземање

Давателот треба да обезбеди проверлива евиденција за испраќањето на известувањето со линк до Е-архивата и за активностите на преземање, без непотребно задржување на содржината на документите. Доколку известувањето со линк до Е-архивата не може да се испорача поради техничка пречка на страната на Давателот или доколку генерираниот линк е технички недостапен, рокот од седум (7) дена не тече сѐ до моментот на успешно отстранување на пречката и повторно уредно доставување на известувањето до Клиентот. Клиентот е должен да обезбеди точна и валидна е-пошта, а Давателот води евиденција за системското испраќање на известувањата..

12. Забранети активности

Не е дозволено: (а) доставување противправни содржини или содржини за кои не постои право на обработка; (б) внесување злонамерен код; (в) неовластено пристапување или заобиколување заштитни механизми; (г) злоупотреба на кориснички овластувања; (д) неовластено масовно преземање, препродажба или интегрирање на услугата со системи на трети лица надвор од дозволениот опсег.

При утврдена злоупотреба или непосреден безбедносен ризик Давателот може да преземе пропорционални мерки за ограничување на конкретната активност и заштита на системот, со соодветно известување кога тоа е можно и законски дозволено.

Постапка при прекршување на условите

При сомнеж за злоупотреба Давателот може да ја блокира спорната обработка, да побара дополнително појаснување или привремено да ја ограничи сметката. Кога е разумно и безбедно, на Клиентот му се доставува известување и можност да го отстрани прекршувањето. Итно ограничување без претходна најава е можно при непосредна закана за системот, други корисници или при законска обврска; притоа се почитуваат правилата за пристап и преземање документи.

13. Интелектуална сопственост

Правата врз софтверот, моделите, интерфејсот, техничката документација и оригиналните материјали на AIOffice им припаѓаат на нивните законски носители. Ништо во оваа одредба не ги ограничува правата на Клиентот врз неговите влезни документи и податоци.

Ограничено право за користење на платформата

За времето на дозволен пристап, на Клиентот му се доделува ограничено, непреносливо и неексклузивно право да го користи AIOffice за сопствени деловни потреби, во рамките на активираните функционалности. Не се дозволени обратен инженеринг, заобиколување лиценцни ограничувања или неовластено препродавање на пристапот, освен кога задолжителното право пропишува поинаку.

14. Приговори, право и контакт

Корисникот може да пријави проблем, безбедносен настан или прашање за приватност преку официјалните канали за контакт на Давателот. Применливо е правото на Република Северна Македонија, со почитување на задолжителните правила за надлежност и заштита на корисниците кога се применливи.

Контакт за AIOffice: contact@aioffice.mk. Актуелните Услови треба да бидат достапни на официјалната страница на услугата.

Измени на условите и функционалностите

Давателот може да ги ажурира овие Услови и функционалностите на AIOffice заради безбедносни, законски или технички причини. За суштински измени што влијаат на правата или обврските на Клиентот, се обезбедува претходно известување преку е-пошта или преку услугата, со наведување на датумот на примена. Измените не ги укинуваат задолжителните права на Клиентот.

Постапка за приговор

Давателот обезбедува јасен канал за приговори во врска со обработка, достапност на резултати, наплата, безбедност и преземање документи. Приговорот се евидентира и на Корисникот му се доставува одговор во разумен рок, а секој задолжителен законски рок има предност. Контактната е-пошта и постапката се објавуваат на официјалната страница.