Back

Legal documents

Data Processing Addendum (DPA)

This document is published in Macedonian, which is the binding version.

Related document: General Terms of Use

ПРЕАМБУЛА

Овој Анекс за обработка на лични податоци („Анекс“ или „DPA“) претставува правно обврзувачки договор склучен во електронска форма согласно членот 32 став (3) и став (8) од Законот за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија („ЗЗЛП“) и членот 6 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, помеѓу:

  1. Корисникот на услугата AIOffice (правно лице кое ја регистрирало корисничката сметка и ги прифатило Општите услови за користење), во својство на Контролор на личните податоци (во понатамошниот текст: „Контролор“), и
  2. Друштво за канцелариско административни дејности ИНБОХ ДООЕЛ Скопје, со седиште на ул. 32 број 15 Илинден, ЕМБС: 6661955 во својство на Обработувач на личните податоци (во понатамошниот текст: „Обработувач“).

Контролорот и Обработувачот во понатамошниот текст заеднички се означуваат како „Страни“, а поединечно како „Страна“.

Овој Анекс претставува составен и неразделен дел од Договорот за користење на софтверската услуга AIOffice и применливите Општи услови.

Член 1 – Предмет, времетраење и природа на обработката

  • Предмет на обработката: Предмет на овој Анекс е регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу Контролорот и Обработувачот при обработката на лични податоци содржани во документите и датотеките што Контролорот ги внесува во софтверската платформа AIOffice за целите на користење на услугата.
  • Природа и цел на обработката: Автоматизирана обработка на податоци преку софтверски алатки базирани на облак (cloud SaaS), што вклучува: оптичко препознавање на текст (OCR), екстракција на податоци, класификација, структурирање и привремено овозможување на пристап до обработените резултати преку модулот Е-архива. Личните податоци се обработуваат единствено за исполнување на функционалностите на Услугата и за ниедна друга цел.
  • Времетраење на обработката: Обработката започнува со прикачувањето на документите од страна на Контролорот и трае за цело времетраење на користењето на услугата. По прекин или престанок на услугата, документите и податоците остануваат достапни за преземање во модулот Е-архива максимум 7 (седум) календарски дена од прекинот на услугата. По истекот на овој период од 7 дена, а најдоцна во рок од максимум 30 (триесет) календарски дена, настапува конечно и трајно бришење на сите податоци, датотеки и постојни копии од Е-архивата и од серверите на Обработувачот.

Член 2 – Категории на лични податоци и субјекти

  • Категории на субјекти на лични податоци: Зависно од содржината на документите што Контролорот ги внесува на обработка, субјекти можат да бидат: вработени, поранешни вработени, клиенти, деловни партнери, крајни потрошувачи или други трети физички лица чии податоци се наоѓаат во деловната документација на Контролорот.
  • Видови лични податоци: Вообичаени идентификациски и деловни податоци содржани во фактури, испратници, договори, изводи, нарачки и други канцелариски документи (како што се: име и презиме, адреса, трансакциска сметка, ЕДБ/ЕМБГ доколку е наведен во документот, потпис, податоци за контакт).
  • Посебни категории на податоци: Контролорот се обврзува дека нема да внесува документи што содржат посебни категории на лични податоци (чувствителни податоци во смисла на членот 13 од ЗЗЛП), освен ако за тоа нема претходно изрично законско овластување и посебен писмен договор со Обработувачот.

Член 3 – Обврски на Обработувачот

Во согласност со членот 32 став (3) од ЗЗЛП, Обработувачот се обврзува дека:

  • (а) Документирани упатства: Ги обработува личните податоци исклучиво според документираните упатства од Контролорот (вклучувајќи ги поставките зададени преку корисничкиот интерфејс на платформата), освен ако со закон што се применува врз Обработувачот е должен да постапи поинаку. Во таков случај, Обработувачот претходно ќе го извести Контролорот за таквото законско барање, освен ако со закон е забрането такво известување од важни причини од јавен интерес;
  • (б) Доверливост: Обезбедува дека лицата овластени за обработка и техничко одржување се обврзани на чување на тајноста и доверливоста на податоците или подлежат на соодветна законска обврска за доверливост;
  • (в) Технички и организациски мерки: Ги презема сите потребни безбедносни мерки согласно со членот 36 од ЗЗЛП, со цел да обезбеди соодветно ниво на безбедност во однос на ризикот;
  • (г) Ангажирање под-обработувачи: Ги почитува законските услови за ангажирање на други обработувачи утврдени во членот 32 ставови (2) и (4) од ЗЗЛП и членот 5 од овој Анекс;
  • (д) Асистенција за правата на субјектите: Земајќи ја предвид природата на обработката, му помага на Контролорот преку примена на соодветни технички и организациски мерки, колку што е тоа возможно, за исполнување на обврската на Контролорот да одговори на барањата за остварување на правата на субјектите на личните податоци (право на пристап, исправка, бришење, ограничување на обработката);
  • (ѓ) Асистенција за безбедност и инциденти: Му помага на Контролорот во обезбедувањето на усогласеноста со обврските од членовите 36 до 40 од ЗЗЛП (безбедност на обработката, известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, процена на влијанието врз заштитата на податоците), земајќи ги предвид природата на обработката и информациите со кои располага Обработувачот;
  • (е) Бришење и враќање на податоците: По избор на Контролорот, му ги враќа сите лични податоци преку овозможување пристап за преземање од модулот Е-архива во рок од 7 (седум) календарски дена од прекинот на услугата, или ги брише. Доколку Контролорот не побара поинаку или по истекот на рокот за самостојно преземање од 7 дена, Обработувачот во рок од максимум 30 (триесет) календарски дена трајно и неповратно ги брише сите документи, податоци и постојни копии од своите сервери и складишта, освен ако со посебен закон не е поинаку пропишано;
  • (ж) Ревизии и инспекции: Му овозможува на Контролорот пристап до сите информации неопходни за докажување на исполнувањето на обврските од членот 32 од ЗЗЛП, и овозможува и придонесува во спроведување на ревизии и инспекции од страна на Контролорот или независен овластен ревизор. Доколку некое упатство од Контролорот според мислењето на Обработувачот претставува повреда на ЗЗЛП или други прописи за заштита на личните податоци, Обработувачот веднаш писмено ќе го извести Контролорот.

Член 4 – Технички и организациски мерки за безбедност

Согласно членот 36 од ЗЗЛП, Обработувачот гарантира и спроведува мерки за обезбедување безбедност соодветна на ризикот, кои вклучуваат:

  • Енкрипција на податоците при комуникација и пренос (криптографски протоколи TLS/HTTPS) и енкрипција на податоците при мирување на серверите за складирање;
  • Системи за контрола на логички и физички пристап базирани на улоги и принцип на најмали потребни привилегии (least privilege);
  • Мерки за обезбедување на континуирана доверливост, интегритет, достапност и отпорност на платформите и базите;
  • Постапки за редовно безбедносно тестирање, проценка на ранливости и евалуација на ефективноста на техничките решенија;
  • Забрана за употреба на податоците и документите на Контролорот за општо тренирање, дообучување или усовршување на јавни AI модели.

Член 5 – Ангажирање на под-обработувачи (Sub-processors)

  • Контролорот му дава општо писмено овластување на Обработувачот за ангажирање на инфраструктурни под-обработувачи (даватели на cloud hosting, серверска инфраструктура и безбедносни сервиси) со физичка локација на податочните центри во рамките на Европската Унија.
  • Обработката на документите со примена на технологии и модели на вештачка интелигенција се извршува преку софтверски апликации поставени на сервери физички лоцирани на територијата на Европската Унија.
  • За потребите на AI обработката, документите се пренесуваат до соодветната инфраструктура во Европската Унија, исклучиво за извршување на функционалностите побарани од Клиентот, како што се препознавање текст (OCR), класификација, извлекување и структурирање податоци и други автоматизирани операции.
  • Во текот на AI обработката може да се создаваат привремени работни копии, меѓурезултати и други технички податоци неопходни за извршување на обработката. Овие податоци се користат исклучиво за целите на обработката и се отстрануваат согласно воспоставените безбедносни протоколи.
  • Обработувачот води јавен, ажуриран список на сите ангажирани под-обработувачи достапен на корисничкиот портал. Обработувачот ќе го извести Контролорот за секоја планирана промена (додавање или замена на под-обработувач) преку е-пошта или системско известување најмалку 15 дена однапред, овозможувајќи му на Контролорот разумна можност да се спротивстави на таквата промена.
  • Во случај на ангажирање на под-обработувач, Обработувачот со договор му ги наметнува истите заштитни обврски утврдени во овој Анекс (согласно членот 32 став (4) од ЗЗЛП). Доколку под-обработувачот не ги исполни своите обврски, Обработувачот останува целосно одговорен пред Контролорот за постапувањето на ангажираниот под-обработувач.

Член 6 – Постапување при безбедносни инциденти

  • Во случај на потврден инцидент кој довел до нарушување на безбедноста на личните податоци (случајно или незаконито уништување, губење, менување или неовластен пристап/откривање), Обработувачот се обврзува без непотребно одложување, а најдоцна во рок од 36 часа од дознавањето, да го извести Контролорот по електронски пат.
  • Известувањето содржи: опис на природата на инцидентот, проценетите категории и приближниот број на засегнати субјекти/записи, можните последици и мерките што Обработувачот ги презел или предлага да се преземат за санација на штетните последици.

Член 7 – Права и одговорности на Контролорот

  • Контролорот гарантира дека има валиден правен основ согласно ЗЗЛП за обработка и пренос на сите лични податоци што ги внесува во AIOffice.
  • Контролорот има исклучиво право и одговорност самостојно да одлучува за правниот основ, целите и законитоста на прибирањето на податоците.
  • Контролорот е одговорен за навремено преземање на резултатите од Е-архивата во рамките на утврдениот рок од максимум 7 (седум) календарски дена од престанокот на услугата, со сознание дека по истекот на тој период започнува рокот од максимум 30 календарски дена за неповратно и трајно бришење на податоците од страна на Обработувачот.

Член 8 – Завршни одредби

  • Овој Анекс влегува во сила во моментот на прифаќањето на Општите услови и регистрацијата на корисничкиот профил на платформата AIOffice.
  • Овој Анекс автоматски престанува да важи со гасењето на корисничката сметка и конечното трајно бришење на сите податоци на Контролорот од системите на Обработувачот согласно роковите од овој Анекс.
  • За сè што не е изрично уредено со овој Анекс, се применуваат одредбите од Законот за заштита на личните податоци и Законот за облигационите односи на Република Северна Македонија.